Кратката комедија „Налепница“ („Sticker“) на режисерот Георги Унковски освои шест награди на премиерното издание на „Апулија фестивал“ за краткометражен филм во Италија. Македонскиот адут победи во категориите за најдобар филм, за најдобра режија, за сценарио (Георги Унковски), за најдобар актер (Сашко Коцев), за монтажа (Мартин Иванов), како и наградата „Popular Jury Vote“.
Филмот на Унковски беше во конкуренција на 12 кратки филма од цел свет. Досега има учествувано на повеќе фестивали, меѓу кои и на престижниот „Санденс“ во САД. Покрај оваа награда, има освоено уште неколку на интернационалната фестивалска сцена. Премиерата на „Налепница“ беше во 2019 година.