Магазин 12. јули 2020. / 08:28

Галичката свадба годинава одложена: Ова се другите Петровденски обичаи во Македонија

Галичката свадба годинава одложена: Ова се другите Петровденски обичаи во Македонија

Денеска е Петровден — православен празник што се одбележува секоја година на 12 јули. Празникот е посветен на Апостол Петар. Сe смета за еден од најголемите празници по Велигден. Именден празнуваат сите кои го носат неговото име: Петар, Петре, Петра…

Петровден повеќе се смета за црковен празник, постарите луѓе одат во црквата, а кој го постел Петровденскиот пост се причестува.

Во Галичник, Петровден се смета за голем празник. Тогаш иделе печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури до Албанија. Еден од најзначајните настани на Петровден е токму почетокот на традиционалната Галичка свадба.

За жал, поради епидемијата на корона вирусот, годинава оваа манифестација е одложена. Според одлуката на Советот на Месната заедница Галичник, доколку се создадат сите неопходни услови, годинешната културно-сценска манифестација „Галичка свадба“, која традиционално се одржува за време на верскиот празник Петровден, може да се одржи за време на големиот празник Пресвета Богородица, односно на 28 август.

Интересни обичаи и верувања поврзани со Петровден се забележани во Куманово. Тој ден рано наутро уште пред сонце, оделе во бавчите и нивите, особено оние со бостан и од сите четири страни фрлале ситни камчиња. На тој начин според верувањето засновано на принципот на имитативната магија се влијае врз бостанот многу да врзува и брзо да расте. Исто така бостанот, но и другите култури се прскале со вода од извор за да растат силно како водата што извира. Во овие петровденски верувања интересно е и фрлањето измет од стоката врз бавчите и нивите со земјоделски култури. Изметот земен од местото каде што стоката пладнувала (меризувала), или од пазарот се верува ќе влијае врз родот да биде густ и обилен како што била стоката на тоа место. Во сиве овие верувања, како што може да се види присутна е имитативната магија верувањето дека сличното предизвикува слично.

Во Гевгелиско за јадење на овој ден правеле млечник за да бидат цела година благи како млекото, а во Скопска Црна Гора се верувало дека кој ќе се омрси во Петровденските пости ќе се скрастави. Во овој крај ако било сушно времето на овој ден носеле крсти (литии) и со песната „Крсти носам бога молам” се молеле за дожд.

Според преданието што во Охрид го забележал Е. Спространов „Петре и Павле биле побратими. Сек’де заедно оделе, ама Павле бил болен. Петре си рекол: Ов’ј чоек ќе умрит, ја ај да му ископам гробот. Ко фатил да му копат, дошол Ристос и го опитал: Шо копаш бре Петре? – Ами Павле је болен рекол, та му го коп’м гробот. – Ја ај легни да видиме, али чинит за тебе! Петре легнал и не станал веќе. Ето затоа рекле: Не копај гроб за друѓего, за да не влезиш сам во него. Петре копаше гроб за Павлета, ама сам умре во него, а Павле си остана ушче да си живејт“.