Фејсбук почна да ги отстранува дезинформациите за сите вакцини по години на штетни, неосновани здравствени тврдења кои се ширеа на нивната платформа.
Како дел од нивната политика за дезинформации поврзани со Ковид-19, компанијата најави дека ќе ги брише објавите со лажни информации за сите видови вакцини. Овие нови правила ќе важат за објави на корисниците, како и за платени реклами кои и досега беа забранети доколку содржат таков вид дезинформации. Истите ограничувања ќе важат и на Инстаграм, пренесе Гардијан.
-Започнуваме со спроведување на овие политики веднаш, со особен фокус на страниците, групите и профилите кои ги прекршуваат овие правила. Нашата акција ќе биде проширена во следните недели, вели Гај Росен од Фејсбук.
Групите на Фејсбук веќе подолго време се познати по создавање на „ехо-комори“ на дезинформации и го подгреваа подемот на анти-ваксерски заедници. Со новите правила, групите каде корисниците неколку пати споделуваат забранети содржини ќе бидат затворени.
Фејсбук континуирано ги обновува своите правила поврзани со содржини за Ковид-19 од почетокот на пандемијата. Во април минатата година почнаа на корисниците да им дистрибуираат факти од официјални извори за коронавирусот. Истовремено посочуваа дека на дезинформациите околу вакцините им даваат помала видливост на социјалната мрежа, но до сега не ги отстрануваа таквите содржини.
Ова започна да се менува во декември кога компанијата воведе построги правила и започна да ги отстранува содржините околу Ковид-19 кои се демантирани од здравствени експерти. Ова вклучуваше содржини во кои лажно се тврдеше дека вакцините содржат микрочипови, дека маските не помагаат во спречување на ширењето на вирусот, или пак дека 5Г технологијата придонесува за инфекциите.
Фејсбук сега го проширува опсегот на содржини кои ќе ги отстранува. Ќе се забранат содржини кои тврдат дека Ковид-19 е вештачки, дека вакцините не се ефикасни против болеста или дека е побезбедно да се прележи вирусот, отколку да се прими вакцината. Дополнително, забраната нема да се задржува само на работи поврзани со Ковид-19. Од платформата ќе се отстрануваат и објави кои ја шират познатата анти-ваксерска лага дека вакцините предизвикуваат аутизам.