Македонската ракометна репрезентација денеска против Чиле го игра клучниот и решавачки натпревар за пласман во следната фаза на Мундијалот во Египет.
Нашата репрезентација претрпе тешки и катастрофални порази против Шведска и Египет, но јасно е дека шансата на оваа подмладена селекција е мечот со Чиле, со кого, пак, игравме во подготвителниот период пред СП и успеавме да славиме во два наврати. Сепак, овој дуел има многу поголема тежина, поради што Македонија мора да биде на многу подобро и повисоко ниво отколку на првите два натпревари.
Данило Брестовац за денешниот натпревар одлучи да направи една замена во составот, па така за разлика од претходните два натпревари, сега во тимот ќе биде Горан Крстевски на местото на Дарко Георгиевски. Надвор од тимот остануваат Михајло Младеновиќ, Мартин Серафимов и голманот Никола Даниловски.
Натпреварот меѓу Македонија и Чиле започнува од 15:30 часот.