Магазин 05. мај 2020. / 13:30

Докажано: Корона вирусот бил во Европа уште во декември

Докажано: Корона вирусот бил во Европа уште во декември

Пациент дијагностициран со пневмонија на 27 декември во Париз, фактички бил заразен со корона вирус, изјави неговиот лекар, пренесуваБи-Би-Си. Д-р Ив Коен за француски медиуми изјави дека тогаш земен примерок, што бил тестиран неодамна, дал позитивни резултати на Ковид-19. Пациентот, кој целосно се опоравил, посочил дека не знае како го стекнал со вирусот, зашто не бил во некој од реоните опфатени од заразата.

Информацијата за тоа кој бил првиот случај на Ковид-19 е од клучно значење при утврдувањето како се ширел корона вирусот.

Д-р Коен, кој е вработен во Брза помош во Париз, објави дека пациентот бил 43-годишен маж од Бобини, североисточно од француската престолнина. Тој манифестирал симптоми, што подоцна ќе станат основни за корона вирусот, вклучувајќи ги сувата кашлица, треската и потешкотиите при дишењето. Пациентот бил примен во болница на 27 декември, четири дена пред канцеларијата на Светската здравствена организација во Кина да биде информирана дека во Вухан се регистрирани случаи на пневмонија од непознат причинител.

Д-р Коен вели дека две од децата на пациентот исто така се разболеле, но неговата сопруга не покажала никакви симптоми. Меѓутоа, докторот посочува дека таа работела во супермаркет покрај аеродромот „Шарл де Гол“ и можеби била во контакт со луѓе пристигнати од Кина. Таа рекла дека клиенти „често доаѓале во маркетот директно од аеродромот, носејќи ги своите куфери“.

-Ме зачудува тоа дали таа била асимптоматична, вели д-р Коен и повика да се проучи и таа можна врска.

Досега првите три случаи на корона вирусот во Франција беа потврдени на 24 јануари. Од нив, двајца беа луѓе, кои престојувале во Вухан, а третиот-близок член на едно од нивните семејства. Позитивниот тест на пациентот од Бобини претполага дека вирусот пристигнал во Франција многу порано, што би го променило досегашното сфаќање за неговото ширење.

Засега се смета дека првото пренесување на Ковид-19 од човек на човек во Европа е регистрирано кај Германец, кој бил заразен од кинески колега, при негова посета на Германија во периодот од 19 до 22 јануари.