Хроника 04. мај 2018. / 15:45

Змиите од Водно се симнаа во Центар

Змиите од Водно се симнаа во Центар

Жители од улицата “Славејко Арсов” велат дека деновиве имале неколку несакани средби со влекачи. Возејќи велосипед на жител од оваа улица му се замотала змија на тркалото. Познавачите на влекачите велат дека змиите се симнуваат по храна во периферните места на градот, препорачуваат да се избегнуваат места каде што не е искосена тревата и има шут

Топлото време и потрагата по храна ги симна змиите од Водно во градот. Жители од улицата “Славејко Арсов” велат дека деновиве имале неколку несакани средби со влекачи. Возејќи велосипед жител од оваа улица видел како нешто му се замотало околу тркалото. Кога застанал, видел дека е змија.

– Ме изненади, но не се исплашив многу. Сепак се плашам за децата. Мали деца си играат овде, тие не разликуваат што е врвка што е змија. Општинските служби треба да бидат поажурни во косење на тревата, а комуналците во чистење на шутот и ѓубрето. Сепак на Водно има градежна експанзија и многу места каде што змиите може да најдат скривалиште. Но барем каде што може по јавните површини комуналците навреме да ја косат тревата, вели скопјанецот

Познавачите на влекачи велат дека нормално е кога змиите се будат од зимски сон во потрага по храна да се симнат и во градот, особено во периферните делови на градот.