Кочанчанец организирал погреб за својата мајка за која од Општата болница во Кочани му кажале дека починала, но кога заедно со погребалното дошол да го земе телото, открил дека мајкаму е жива и лежи на Интерното оделение.
Педесет и осум годишната пациентка има прележано два мозочни удари и откако повторно и се слошило пред два дена со Брза помош била однесена во кочанската болница. Нејзиниот син вели дека оние што му ја соопштиле веста му рекле и кој погребен оператор да го повика, но тој ги одбил и се јавил на друг.
Од кочанската болница велат дека знаат за случајот и по нивната интерна истрага повикана е полицијата, која започнала своја истрага за да утврди кој му се јавил на Дончев и му го превртел животот наопаку.
– Во тек е истрага за случајот. Претпладнево вработени во болницата се повикани да дадат исказ во полициска станица. Истрагата треба да ги открие виновниците, вели Александар Серафимов, директор на Општа болница – Кочани, а пренесува ТВ24.
За оваа бизарна случка синот очекува разврска и казна за оние кои му ја кажале лажната вест. Тој поради пандемијата со корона вирус не може лично да ја види мајка си за да се увери во нејзината здравствена состојба, а сите информации ги добива преку нејзиниот матичен лекар.
Сопствениците на фирмата за погребни услуги што ги повикал велат дека во оваа битка за починати се делат пари на вработени во болницата кои форсираат одредени оператори. За тоа повеќепати го известиле и раководството на болницата и полицијата.