Хроника 08. март 2019. / 21:49

Зголемена затворската казна за жената која подведуваше девојче од „Ранка Милановиќ“ кое остана бремено

Зголемена затворската казна за жената која подведуваше девојче од „Ранка Милановиќ“ кое остана бремено

Советот на судии во Апелациониот суд Скопје ја уважи жалбата поднесена од страна на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со изречената пресуда во предметот со штитеничката на Домот за деца „Ранка Милановиќ“ – Скопје.

Станува збор за 12-годишно девојче кое било сексуално експлоатирано. Сега осудената Мајмире Дестанова ја продавала по градови, во кафани и на таксисти и се заканувала и ја тепала, а организирала и присилен брак за девојчето.

Имено, во декември минатата година надлежниот јавен обвинител поднесе жалба, незадоволен од висината на изречената казна за кривично дело – Трговија со дете со која тројцата обвинети, по признание на вина, беа осудени на казна затвор и тоа Дестанова во траење од 13 години, а Ерол Јашаров и Сезар Раимов, кои сексуално го злоставувале и малтретирале девојчето, добија по 12 години.

Апелациониот суд Скопје, уважувајќи ја жалбата на обвинителството, ја преиначи првостепената пресуда на Основниот суд Скопје 1 Скопје и на првообвинетата и изрече казна затвор во траење од 17 години, а другите две лица ги осуди на казна затвор во траење од по 14 години.