Еден тон отпадни гуми кои биле планирани за греење вчера биле запленети од комуналните инспектори на општина Гази Баба. Старите гуми биле откриени во ромското маало во населбата „Методија Андонов – Ченто“, пред бензинската пумпа на „Макоил“.
Ова e резултат на новата акција за откривање на складирани гуми по населбите во општината, а кои подоцна се користат за загревање. Претходно, Инспекторатот на Град Скопје, Јавното комунално претпријатие и МВР и општина Гази Баба спроведоа слична акција на дивата депонија Вардариште каде, исто така, беа запленети уште еден тон стари и уништени гуми што се палеле на отворен простор.
Старите автомобилски и камионски гуми кога горат испуштаат големо количество на опасни загадувачки честички кои штетно влијаат по здравјето на граѓаните.