Хроника 25. февруари 2019. / 23:14

Заменичката на Омбудсманот со детали за инцидентот во „Шутка“: Напаѓачот истрчал кон Јанакиески и го претепал

Заменичката на Омбудсманот со детали за инцидентот во „Шутка“: Напаѓачот истрчал кон Јанакиески и го претепал

Во Топ тема на телевизија Телма, за скандалот во затворот „Шутка“ во кој беа нападнати  поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, свој професионален поглед и анализа даде Васка Бајрамовска Мустафа, заменик на Народниот правобранител.

Бајрамовска истакна дека за случајот е отворена постапка по сопствена иницијатива и по барање на роднините на нападнатите. На терен Народниот правобранител утврдил пропусти во начинот на кој што притворените лица се извадени на шеталиште и во односот на кој е извршен лекарскиот преглед по нападот, како и во однос на проценката на безбедносниот ризик при правењето на распоредот за прошетки во затворот.

Бајрамовска рече дека од видео снимките на видео надзорот може да се забележи дека просторот за шетање во затворот не е соодветно покриен со безбедносни камери, а и тие што се поставени не функционираат.

– Тоа што се гледа на снимките е показател за тоа како доаѓа до физичка пресметка. Дали има вербална пресметка не може да се види затоа што нема тон, туку се гледа сликата и тоа на многу лош начин прикажана. – изјави Бајрамовска.

Според Бајрамовска на видео снимката од нападот се гледаат само силуети на луѓе, но не кој напаѓа.

– Во едната видео снимка се гледаат силуети на луѓе како застануваат и се забележува дека има дијалог, односно напад и одбрана, а во втората видео снимка се гледа како определено лице шета и некој трча по него и физички се пресметува со него. – изјави таа.

Бајрамовска изјави дека според часот на нападот и времето за шетање во затворскиот простор, оној кој е нападнат во група е Спиро Ристовски, а додека она лице кое се шетало само е Миле Јанакиески.

Според увидот на Народниот правобранител овој случај од затворската управа е третиран со голема несериозност и со големи пропусти во лекарскиот преглед и видео надзорот, како и во распоредот за шетање на притворениците.

Бајрамовска препорача дека мора да се работи на подобрување на затворскиот систем којшто во конкретниот случај е пропаднат од секаков аспект.