Забава со танчерки по маси и пејачки, затекнале пазарните инспектори доцна вечерва во гостиварски ресторан, дознава „А1он“. При контролата која била спроведена, биле затекнати 12 девојки, од кои 5 се странски државјанки.
Ресторанот бил полн со гости, а забавата била веднаш прекината од инспекторите. Во локалот била интервенирала и полицијата, а приведен е газдата кој е спроведен во полициска станица.
Директорот на Пазарната инспекција, Стојко Пауновски ја потврдува акцијата на инспекторите и вели дека го затвориле ресторанот на 30 денови, а ќе поднесат и прекршочна пријава. Инспекторите ќе издадат и платни налози од над 5000 евра како казна за ресторанот каде е правена забавата.
Од МВР нема информации за тоа дали ќе има кривична пријава, но и како ќе се постапува со петте девојки кои се странски државјанки, а нелегално работеле во угостителскиот објект.
Поради заштита од ширење на коронавирусот, Владата уште пред неколку месеци донесе мерки со кои забрани организирање на прослави во затворен и отворен дел од објектот, како и музички настапи со музички уметници, пејачи, диџеи.