Хроника 30. октомври 2019. / 14:57

За два дена регистрирани над 100 пожари во битолскиот дел на Пелагонија

За два дена регистрирани над 100 пожари во битолскиот дел на Пелагонија

Повеќе од 100 пожари се регистрирани изминатите два дена во битолскиот дел на Пелагонија, соопшти денеска Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) – Битола.

Според раковидителот на ТППЕ, Костадин Поповски, сите пожари се на отворени земјоделски површини.

-Во изминатите два дена регистриравме над 100 пожари, сите во атарот на селата Лознани, Новоселани, Горно Српци, Вашарејца и Кукуречани. Тоа што се случи овие два дена јас не сум го видел во мојата професионална кариера. Не знам дали мотивот на земјоделците што ги палеле стрништата е поврзан со метеоролошката прогноза и најавата за дожд, но во секој случај применета е тактика, палењето се врши ноќе и во таква ситуација ТППЕ не може да реагира, истакна Поповски.

Дополни и дека изминатите два дена имале 10 теренски интервенции со исто толку екипи.

-Најзагрозен беше опожарениот објект на ЗК „Пелагонија“ во селото Долно Српци, а пожарот ги зафати и дрвените прагови на железничката пруга кај селото Новоселани. Предизвикана е голема штета врз амбиенталниот воздух, бидејќи е опожарена голема површина во Пелагонија. Ова што се случи е казниво со закон според кој секој пожар на отворен простор е кривично дело и казниво со казна затвор. Ние за овој проблем ги информиравме јавните институции, нагласи Поповски