Основното јавно обвинителство Гевгелија иницираше постапка против вработена во Казнено-правното одделение на ова обвинителство која работела како помлад јавнообвинителски соработник за казнено право.
Пријавената е осомничена за „Оддавање службена тајна“. Таа цела година – од средината на 2017 до 23 мај 2018 во повеќе наврати испраќала службени документи од Основното јавно обвинителство Гевгелија на својот сопруг кој бил адвокат. „Таа му достаувала кривични пријави, службени белешки и други документи изработени од организациони единици на Министерството за внатрешни работи, записници, спогодби и други документи изработени од Основното јавно обвинителство во Гевгелија, службени документи издадени од Основниот суд во Гевгелија кои преставуваат службена тајна, како и документи од други јавни установи, кои директно или индиректно биле поврзани со предметите за кои овој адвокат се јавувал како ополномоштен бранител“ велат од Обвинителството во Гевгелија.
Од канцеларијата на осомничената бил одземен нејзиниот службен компјутер и предаден на форензичка анализа. Извештајот од извршеното вештачење ги потврдило сомневањата дека пријавената, користејќи инсталирана апликација VIBER, на адвокатот неовластено му испраќала службени документи и податоци кои биле службена тајна.
Со оглед на тоа што се работи за постапка против лице вработено во Основното јавно обвинителство Гевгелија, ова обвинителство по комплетирање на предметот, достави барање за преземање на надлежноста до Вишото јавно обвинителство Скопје кое треба предметот да го распореди на натамошно постапување во друго обвинителство.