Хроника 28. јуни 2019. / 15:03

Возачот на автобусот во кој настрадаа туристи кои се враќаа од Пефкохори ќе одговара

Возачот на автобусот во кој настрадаа туристи кои се враќаа од Пефкохори ќе одговара

Основното јавно обвинителство Велес до Основниот суд во Велес поднесе обвинителен предлог против едно лице од Скопје, на возраст од 50 години, за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл. 300 ст. 4 во врска со чл. 297 став. 3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.

На 20 август 2017 година обвинетиот управувал со автобус марка „неоплан“ со скопски регистарски ознаки, во сопственост на компанијата „Бус травел“ – Скопје, движејќи се по автопатот А1, делница Велес – Скопје, по средната коловозна лента.

Околу 18:50 часот дошол до местото викано „Пуста Кула“, на околу 4,8 километри по наплатната станица Отовица и притоа, спротивно на одредбата од членот 29 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, не се движел по средината од коловозната лента на која се наоѓал и не ја држел страната и правецот на движење.

Во тој момент започнал да се движи во лево, преминувајќи на левата коловозна лента, по што излегол од коловозот и удрил во заштитната метална ограда, се одвоил од неа и продолжил да се движи по нерамен терен, се превртел на левата бочна страна и застанал на земјената површина.

Како последица на сообраќајната несреќа, 14 патници се здобиле со телесни повреди, 13 патници се здобиле со тешки телесни повреди, а двајца од тешко повредените подоцна починале.

За обвинетото лице на сила се мерки на претпазливост, за кои надлежниот јавен обвинител предложи да бидат продолжени, бидејќи и натаму постојат законските основи.