Хроника 04. октомври 2018. / 21:44

Во понеделник ќе дознаеме дали ќе се активира условната казна за градоначалникот на Ново Село

Во понеделник ќе дознаеме дали ќе се активира условната казна за градоначалникот на Ново Село

Во понеделник ќе се знае одлуката на кривичниот совет на струмичкиот суд дали ќе се активира условната казна за градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев. Според инфорациите од судот, кривичниот совет заседавал по барање на струмичкото јавно обвинителство, но одлуката ќе се соопшти на почетокот од следната работна недела.

Станува збор за кривичното дело проневера во службата од 2010 година, за кое Стојчев бил осуден пред три години, во 2015, со условна казна од четири години, односно затворска казна од две години доколку го повтори делото.

Боро Стојчев летово во јули беше уапсен во обид за шверц на цигари преку македонско-бугарската граница, заедно со сопругата, синот и внукот. Основниот суд во Струмица го осуди на 18 месеци затворска казна, но со одлука на штипска апелација казната му е намалена на шест месеци.

Доколку кривичниот совет одлучи да му се активира условната казна во Ново Село ќе треба да се одржат нови локални избори, во спротивно, Стојчев се враќа на функцијата во првите денови од 2019 година.