Хроника 23. февруари 2019. / 19:33

(ВИДЕО) Во Струга намерно се подметнуваат пожари – за да се узурпира атрактивно земјиште!

(ВИДЕО) Во Струга намерно се подметнуваат пожари – за да се узурпира атрактивно земјиште!

Со палење на трската се подготвуваат терените за узурпација на крајбрежјето на езерото преку нови градби, обвинуваат екологистите откако на потегот кај Калишта изминатите денови изгореа големи површини со трска. – пренесува 24 вести.

Телевизијата констатира дека сликата е жалосна пеплосани црни површини покрај езерото а од надлежните нема никаква реакција. Активистите од “Охрид СОС# тврдат дека терените се подготвуваат за тампонирање.

-Максимално се користи секој момент. Не се знае кој узурпира, кој гради, на локациите беа лица со приватни возила, израмнет терен, на неколку места изградени објекти непосредно до езерото, паркирани возила, оградено со жица. Свесно е премолчено ова намерно уништување на природата, појасот трска кој е овде најконзистентен. Сите молчат, локацијата е надвор од градот, незабележлива, што е уште еден поволен момент за овие узурпатори.Постојат во државата места каде не важат никакви закони, каде никој не доаѓа, нити инспектор нити било кој друг. Каде несметано се девастира живеалиште на многу животински и растителни врсти, специфични за овој предел.– велат од Охрид СОС.

Но градоначалникот на Струга Рамиз Мерко негира и тврди дека ништо драматично не се случува.

-И во Охрид и Подмолје се пали трската. Таа е сува трска, нема никаква врска со биодиверзитетот. Секоја година се пали трска за луѓето да можат да ги обработуваат нивите. Тоа се приватни имоти, кои се одделени од државниот имот со патот и патеката која ја изградивме. Луѓето само ги уредуваат нивните имоти кои беа запуштени. – вели Мерко за 24 вести.