Најнов пример дека законите во Македонија не важат за сите подеднакво е филмското возење со Бентли на плоштадот „Македонија“.
Според информации на „Лидер“ лицето Б.А од Арачиново, кој со Бентлито ја загрози безбедноста на граѓаните и е добро познат на полицијата.
Во декември минатата година во „спектакуларна“ полициска акција Б.А беше уапсен, со уште девет други лица од Арачиново и од Грчец.
По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
При претресот на во домот на Б.А. беа пронајдени дрога, оружје и муниција, а акцијата беше спроведена кон „лица можни членови на криминални групи кои делуваат на подрачјето на СВР Скопје“.
Во деновите што следеа јавното обвинителството и скопскиот Кривичен не дадоа конкретни информации за приведените, туку си ја префрлаа топката.
Б.А. денес е на слобода, а во предновогодишниот период одлучи да се забавува на сметка на безбедноста на граѓаните коишто беа затекнати на градскиот плоштад и тоа го чинеше „дури“ 45 евра.
Министерството за внатрешни работи, експресно се пофали дека возачот бил пронајден и санкциониран, а скопскиот градоначалник, Шилегов дури и рече дека во Скопје никој не е и никогаш нема да биде над законот!
МВР секојдневно потенцира дека најостро ќе ги санкционира сите кои ќе го нарушат јавниот ред и мир и ќе ја загрозат безбедноста на граѓаните, а Б.А. се движи слободно и покрај тоа што полицијата при претрес во неговиот дом пред само една година пронајде дрога и оружје.