Хроника 16. декември 2018. / 19:14

Уште едно сведоштво за трагичната несреќа: „Нешто силно ме удри во главата и сите почнавме да паѓаме еден врз друг“

Уште едно сведоштво за трагичната несреќа: „Нешто силно ме удри во главата и сите почнавме да паѓаме еден врз друг“

Јас седев назад, автобусот се занесе, нешто силно ме удри во главата и сите патници почнавме да паѓаме еден врз друг. Многу ми е жал за тројцата загинати, фала му на Бога што останавме живи. Брзата помош многу брзо дојде и мене ме префрлија во Ниш, па во болницата во Лесковац, изјави за МИА Ричард Малинковски од Прилеп, кој има повреди на главата и треба да се оперира во Македонија.

Изутрината во 1:45 часот на автопатот кај Лесковац се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа тројца македонски државјани – маж и две жени, а 32 се повредени.

-Некои кажуваат дека возачот заспал. Но јас тоа не го видов. Наеднаш се свртевме и потоа два пати паднавме и доживеав шок, по што не се сеќавам на ништо друго, изјави Малинковски.

Загина В.Ш., маж на 68-годишна возраст од село Бучин, Крушево и К.К., жена исто така на 68-годишна возраст од Кочани. На двете лица им бил утврден идентитетот од личните документи. Кај третата жртва не се пронајдени документи и засега, како што посочуваат од МНР, нема потврда за нејзниот идентитет.

Како што соопштија од српската полиција, несреќата се случила кога автобус со македонски регистарски таблички од струшката фирма Еуро Бус, кој патувал на линијата од Струга за Виена,  излетал од патот пробивајќи ја заштитната ограда и се превртел кај клучката Печењевци во близина на Лесковац.