Советникот на ДУИ во Општина Охрид, Нефи Усеини, и неговиот брат се товарат за насилство врз охриѓанецот Спирко Топалоски. Судот им одреди мерка притвор од 8 дена, додека полицијата сè уште трага по нив. Пријавувачот на инцидентот, пак, ја смени изјавата.
Адвокатот на охриѓанецот Спирко Топалоски, денеска испратил писмен допис во кој пренесува изјава од Топалоски за немилиот настан, но, со поинаква содржина од она што неговиот клиент првично го пријавил и според кое постапува полицијата. Во неговата изјава се вели:
„Јас, Спирко Топалоски, сега во добра здравствена состојба, сакам да ги демантирам написите кои деновиве излегоа во јавноста, надвор од контекст и надвор од сè што се случи критичниот ден. Од еден немил настан и расправија, која произлезе најверојатно од политички причини односно од структури за мене непознати, со цел да се дискредитира неговото име и да се наруши нашето пријателство се направи филм. Додека јас и Нефи разговаравме, добив удар од задната страна и од стресот што го добив, особено и поради тоа што мојот син беше присутен добив погрешен впечаток за сè. Да бидам искрен оружје не видов, но во целата таа паника што настана се стекнав со таков впечаток како да има пиштол, а всушност немаше. Сакам да потенцирам дека се работи само за едно недоразбирање, кое е надминато. Нефи бил и ќе биде мој пријател. Би ја замолил јавноста и медиумите да се занимаваат со други поважни, а не вакви исконструирани настани“, стои во дописот, кој го објави порталот „Охрид 1“.
Полицијата поднесе кривична пријава против советникот на ДУИ во Општина Охрид, Нефи Усеини, и неговиот брат како осомничени сторители на кривични дела „насилство“ и „неовластено држење на оружје или распрскувачки матeријали“. По наредба на Јавен обвинител извршен е и претрес во домовите на двајцата осомничени, но, браќата не се најдени дома.
Полицијата пред три дена соопшти дека постапува по пријава на лицето С.Т. дека врз него бил извршен физички напад и дека имало закани кон него и кон неговиот малолетен син со огнено оружје од страна на Усеини и уште неколку лица.
Нападниот Спирко Топалоски, првично изјави дека Нефи Усеини го повикал во хотел, па по кратка вербална расправија го удирал со пиштол по глава заедно со други лица, што е целосно спротивно на неговиот денешен допис до медиумите.
Нефи Усеини е првиот човек на партијата ДУИ во Охрид. Партискиот лидер Али Ахмети за случајот кажа дека таквите прашања не може да ги решава партијата, туку органите на прогонот, односно обвинителството и полицијата.
Кривични пријави против Усеини беа поднесувани и во минатото за повеќе случаи на насилство, физички напади, узурпација на простор.