Полицијата се уште трага по телото на 80 – годишниот велешанец, Миле Паунов, за кого претпоставува дека изгорел во пожарот, кој пред два дена ја уништи до темел неговата куќа.
Поради отежнатите услови за работа денеска околу 14 часот полицијата ја прекина потрагата, а доколку временските услови дозволат, потрагата ќе продолжи утре.
Од полицијата велат дека е рано да се зборува за причините за пожарот. Се претпоставува дека пожарот настанал или од вклучена електрична греалка или од отпушок од цигара.
Куќата на Паунови беше прогласена за споменик на културата. Таа е една од петте во месноста Варналиите, изградени во 19 век и заштитени со закон. Во пожарот кој изби во петокот вечер изгоре и куќата на семејството Маневи, која е залепена до онаа на Паунови.
Од општина Велес најавија помош за семејството Маневи.