Хроника 18. март 2020. / 13:43

Струмичанки што ја прекршиле изолацијата по враќањето од Италија заработија кривична

Струмичанки што ја прекршиле изолацијата по враќањето од Италија заработија кривична

Мајка и ќерка на возраст од 56 и 35 години од Струмица не постапиле според здравствените прописи и ја прекршиле самоизолацијата по нивното враќање од Пјаченца, Италија.

Како што информира Јавното обвинителство од Струмица, против нив е поднесен обвинителен предлог според здравствени прописи за време на епидемија од член 206 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Обвинетите во Струмица на 27 и 28 февруари во повеќе наврати за време на епидемија на опасната заразна болест коронавирус – ковид-19, не постапиле според посебните мерки за заштита на населението од заразни болести и определените мерки за сузбивање и спречување на заразна болест, како и донесените решенија на Државниот санитарен и здравствен инспекторат со кои обвинетите се ставаат под здравствен надзор, се вели во соопштението.

Мајката и ќерката во одделни случаи се симнале од станот во кој се спроведувале мерките за изолација пред станбениот објект, каде што биле пресретнати од полициски службеници и предупредени да се вратат во живеалиштето и да ги почитуваат мерките.

Обвинетите со вербална расправија им се спротивставиле на службените лица, а предупредувањата не ги почитувале, стои во соопштението. ​​