Хроника 21. February 2019. / 18:09

Среќна нова 1949: Власта тврди дека Јанакиески и Ристовски се виновни оти се претепани

Среќна нова 1949: Власта тврди дека Јанакиески и Ристовски се виновни оти се претепани

Управата на истражниот затвор во Шуто Оризари потврди дека ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски биле нападнати при првиот ден од притворот поради крвавите инциденти во Собранието на 27 април 2017 година. Надлежните велат дека инцидентот се случил при редовната прошетка на свеж воздух. Според нив, околу 13 часот дошло до вербален инцидент, кој, наводно, бил предизвикан од Ристовски.

– Следувала физичка пресметка со друг притвореник со иницијали Л.К., која била прекината од службите на затворот. Околу 13.45 часот, повторно за време на редовна прошетка, дошло до друг вербален инцидент предизвикан од М.Ј. кон Е.К., кој подоцна преминал во физичка пресметка. Реагирале службите и ја прекинале тепачката. За двата инциденти прибрани се писмени изјави од очевидци и известен е надлежниот суд. По инцидентите, на С.Р. и М.Ј. им се обезбедени прегледи и соодветна грижа од домскиот лекар. С.Р. не побарал дополнителна медицинска помош, а М.Ј. се пожалил на болки поради што е упатен кон болницата 8 септември. – се вели во соопштението на Управата на истражниот затвор Шутка.

Управата на истражниот затвор Шутка најостро ги осудува ваквите вербални и физички инциденти и порачува дека насилството нема да се толерира и истото најостро ќе се санкционира.

Инаку, како што веќе објавивме извори на Лидер од Шутка, брифираат дека насилниците се фалеле дека го тепале Јанакиески за да му направат услуга на Заев.

– Ова ти е за Заев и од Заев – извикувал еден од насилниците, неофицијално брифира извор на Лидер од одделението во Шутка.

Поранешниот министер Миле Јанакиески со скршеници е пренесен во градската болница „8-ми септември“ откако попладневно беше претепан во затворот во Шутка, од обвинети терористи за случајот Диво Насеље, дознава Лидер од извори во затворот.

На Јанакиески му била скршена раката.

Освен Јанакиески, нападнат бил и Спиро Ристовски на кој исто така синоќа му беше одредена мерка притвор. И Спиро се здобил со повреди.

Извори на весникот Лајм, информираат дека денеска во затворот Шутка се случил инцидент. Според нив, член на Кумановската група со иницијали Е.К. го претепал поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски. Благодарение на интервенцијата на затворските власти, била спречена поголема несреќа.
Нашите извори не даваат детали за тоа како дошло до контакт меѓу Е.К. и Миле Јанакиевски, но велат дека инцидентот се случил во дворот на затворот.

Официјално сè уште нема ниту потврда ниту демант за оваа информација.

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, вчера кога се апсеа Јанакиески и Ристовски, рече дека тие се уапсени по нарачка на Заев, затоа што тој очајнички презема чекори како на Милошевиќ и Чаушеску, свесен дека на губи довербата и паѓа од власт.

– Деспотот Заев го гледа својот крај и затоа е најопасно, затоа презема очајнички потег на внесување страв меѓу народот, затоа апси врз основа на изјави на сомнителни лица, без докази, на рекла казала муабет, со години после настанот за кој ги обвинуваат. – рече Мицкоски.