Хроника 16. декември 2018. / 16:55

Сопственикот на автобусот на „Еуробус“ откри како настанала несреќата

Сопственикот на автобусот на „Еуробус“ откри како настанала несреќата

Сопственикот на компанијата „Еуробус“ од Струга за која на релацијата Битола-Виена сообраќал автобусот кој ноќеска во 1.45 часот се преврте на автопатот Скопје-Белград кај Лесковац, при што загинаа тројца патници, а повеќе се повредени вели дека возилото било технички исправно.

Џитон Иштрефи објасни дека се уште нема информации што точно се случило, но од разговорот со возачот бил информиран дека во критичните моменти се појавило патничко возило поради кое се случила несреќата.

-Немам точни информации што точно се случило, бидејќи не знам ништо. Колку што знаете вие толку знам и јас. Се слушнав со возачот кој ми кажа дека коловозот бил лизгав, некој автомобил одненадеж се појавил од напред и тој изгубил контрола, само толку ми кажа. Во контакт сме постојано со луѓето во Србија. Испративме друг автобус да ги преземе патниците, друго не знам, изјави Иштрефи.

Несреќата се случи во услови на снежно невреме, а истрагата треба да ги утврди причините.