Хроника 13. октомври 2018. / 12:52

Сообраќајна несреќа во Скопје завршила со крвава тепачка

Сообраќајна несреќа во Скопје завршила со крвава тепачка

Сообраќајна несреќа во Скопје синоќа завршила со крвава тепачка меѓу повеќе лица, во која била извадена и безбол палка.

Според полицијата, синоќа во 21.30 часот било пријавено дека на улицата „Методија Андонов Ченто“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу две патнички возила. Додека С.М.(51), С.М.(20) и К.М.(24) од Скопје, туркале до тротоарот од улицата возило „мерцедес“ кое било на нивниот сосед, се судриле со друг „мерцедес“ управувано од Б.М.(37) од Скопје. Во неговото возило имало две деца на возраст од 16 и 12 години. По незгодата дошло до вербална расправија и физичка пресметка помеѓу учесниците.

Едно непознато лице, кое се вклучило во тепачката, со безбол палка го удрило Б.М. во главата и тој е однесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, а С.М., К.М. и С.М. со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Ургентен Центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде им биле констатирани телесни повреди и биле пуштени на домашно лекување.

Исто така, било пријавено дека до пристигнување на полициските службеници некое од лицата извадило пиштол и испукало неколку куршуми, но при преглед на затекнатите лица и возила не било пронајдено оружје, чаури ниту оштетени предмети. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, информира МВР.