Филип Филиповски, 27 годишно момче кое, според сведоците на настанот, беше прободено со нож во инцидент во Марино од страна на синовите на Звонко Цветковски – поранешен градоначалник и вработен во МВР е во стабилна состојба, објави ТВ24.
Од КАРИЛ за ТВ24 информираат дека момчето по операцијата не е во животна опасност.
Од Јавното обвинителство само кусо велат дека се работи на случајот и го чекаат извештајот од МВР. Притвор за браќата Цветковски нема побарано. Таткото на момчето пак Гоце Филиповски обвинува дека полицијата ги штити сторителите.
– Поводот за овој мој напис е обид да се стави крај на ваквите случувања и според првични информации обид да се изменат изјавите на децата сведоци кои беа дадени во мое присуство во Државна болница и каде што директно беа посочени сторителите. Важно е сторителите да ја добијат заслужената казна затоа што каков човек треба да бидеш за да имаш таков нож со себе при излегување во дискотека. Денес беше Филип, утре ќе биде некое друго дете. Доколку успеат сторителите да се спасат благодарение на високата позиција во МВР на нивниот татко. – пишува Гоце Филиповски, татко на Филип Филиповски.
Од МВР, пак, ги демантираат обвинувањата и велат дека се работи за апсолутна невистина.
– Како и во секој случај, се постапува максимално професионално, и според законите. Се преземаат сите неоходни мерки и случајот ќе биде расчистен. – велат од МВР.
Поранешниот градоначалник, пак Звонко Цветковски, инаку вработен во МВР чии синови беа посочени од очевидци како сторители – негира дека тие го сториле делото. Цветковски за ТВ 24 вели дека делото не е направено како што е опишано според сведоците и дека и неговите синови се повредени. Тврди нема намера да влијае на истрагата.
– Тие учествувале, но не го направиле делото што е направено. Биле нападнати, моето дете и денеска беше во болница. – рече Звонко Цветковски, вработен во МВР.
Сведоци на инцидентот кои поради страв сака да останат анонимни, вчера за ТВ 24 сведочеа дека синовите на Цветковски го нападнале Филиповски.
Од МВР уште вчера го потврдија инцидентот и известија дека браќата Цветковски се приведени во полициска станица.