Осудениот бизнисмен Сеад Кочан утрово не дојде во затворот во Идризово.
Кривичниот совет при Основниот кривичен суд-Скопје вчера ја отфрли жалбата на бизнисменот Кочан кој бараше одлагање на затворската казна, и по неа тој доби задолжување да се јави во затвор. Според неофицијални информации Кочан се наоѓа на лекување во приватна болница. Од судот за МКД.мк потврдуваат дека тој утрово го примил решението со кое се упатува на издржување на затворска казна.
Каде му е врачено решението, дали на домашна адреса или во приватна болница, од судот не откриваат.
По ова, доколку Кочан не се јави итно во затвор, судијата за извршување на санкции ќе треба да испрати во МВР наредба за стражарно приведување на осудениот бизнисмен, по што со полициска придружба ќе треба да биде спроведен во затвор.
Законот не го предвидува времето до кога Кочан може доброволно да се јави во затвор по добиеното решение, но од судот појаснуваат дека во најкус можен рок не се појави на капија во најголемиот затвор во Македонија, ќе мора да се донесе со полиција.
Директорот на затворот во Идризово, Боби Мојсовски за МКД.мк потврди дека и тие вчера го добиле известувањето дека осудениот бизнисмен треба да се јави на издржување на затворската казна. Откако утрово не се појавил, првиот човек на најголемиот затвор во Македонија вели дека испратиле известување до судијата за извршување на санкции дека Кочан не се одзвал на барање.
Ако не се појави по своја воља, полицијата на барање на судот че треба да го донесе Кочан на издржување на затворската казна од 4 години и 8 месеци за случајот „Труст“.
Кочан неколку пати барање одложување на издржувањето на затворската казна, но судот му ги одби барањата.
Вчера од судот соопштија дека по разгледување и ценење на жалбата, советот донесе решение со кое жалбата ја одби како неоснована и го потврди решението на судијата за извршување санкции според кое осуденото лице е должно веднаш да се јави на издржување на затворската казна, а одлуката на советот е писмено изработена и експедирана до странките.
Кочан требаше да се јави во затворот Идризово на издржување на затворската казна на 17 јули, но поднесе барање за одлагање на казната поради здравствени проблеми, но судот тоа барање го одби.