За десет месеци на подрачјето на СВР Струмица се регистрирани близу 450 кражби, од кои над 300 се тешки. Материјалната штета која е направена изнесува над 20 милиони денари.
Крадците најчесто оперирале по куќи станови, продавници и возила. Најмногу биле заинтересирани за златен накит и пари, но со себе носеле и рачни часовници, очила за сонце, парфеми и мобилни телефони.
Според полициските извештаи, операциите во најголемиот број случаи ги вршеле со отворање на влезните врати со погоден клуч, користеле ракавици, но и со поставување на тенка фолија во цилиндарот на бравата за да се избегнат механички траги од подесниот клуч. Регистрирани се и случаи кога вратите биле отворани насилно. Пред да тргнат во акција крадците прво добро се информирале за активностите на сопствениците на објектите.
-Извршителите многу добро се запознаени со приликите на оштетените при што периодот на случување на кривичните дела најчесто е кога оштетените се отсутни од домот и тоа најчесто во временскиот период од 18:00 до 24:00 часот најчесто кога присуствуваа на некакви забави прослава и се отсутни од своите домови..,, вели Хризантема Рендевска потпарол на СВР Струмица.
Во последните три месеци регистрирани се и повеќе случаи на кражби во подбеласичките села, посебно во местата во кои поголем дел од населението се наоѓа на привремена работа во странство.
-Предмети на кражба се парични средства, златен накит, телевизори, рачни часовници, моторни пили и разновиден алат.,, вели Рендевска
Од полицијата информираат дека близу половина, односно 202 од вкупно регистрираните кражби веќе се реализирани, а крадците пронајдени. Активно се работи на расчистување и на останатите случаи.