Веќе шести ден се трага по шестгодишното дете кое исчезна додека се играло на лулашките во забавниот парк на Спортскиот центар во Тетово. Од СВР Тетово велат дека потрагата по детето сѐ уште трае, пишува Фокус.
–Интензивно се трага по детето низ Тетово, но и пошироко. Штом ќе имаме некаква информација, ќе ја известиме јавноста, вели Маријан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Шестгодишното дете исчезнало на 18 мај во саботата, околу 21 часот, а неговите родители дури во понеделникот пријавиле во полиција. Како што рекле родителите, тие се обиделе сами да го пронајдат синчето, а потоа се одлучиле да побараат помош и од полицијата.
Ова семејство е од Прилеп, но времено престојувало во Тетово, десетина дена, бидејќи собирале старо железо.