Хроника 20. ноември 2018. / 10:55

Приведени две лица од Гостивар за кражби и поседување огнено оружје

Приведени две лица од Гостивар за кражби и поседување огнено оружје

Врз основа на претходна судска наредба, полициски службеници извршиле претрес во работилница на улица „18 Ноември“ во Гостивар, која била во сопственост на 68-годишниот гостиварац М.Г. Притоа, во работилницата, како што соопштија од МВР, бил затекнат 30-годишен Албанец Р.К., кој бил лишен од слобода поради постоење основи на сомение за извршени повеќе кривични дела кражба и поседување огнено оружје, како и други кривични дела.

„При претресот биле пронајдени една автоматска пушка без рамка, една рамка за автоматска пушка со 24 куршуми калибар 7.62 мм, една рамка за пиштол со четири куршуми, еден пиштол без рамка, како и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело „кражба“ и тоа: девет мобилни телефони, две дигитални камери, осум рачни часовници, бижутерија и други предмети“, стои во соопштението на МВР.

Од полицијата велат дека сите пронајдени предмети биле одземени и дадени на вештачење. Државјанинот на Албанија 30-годишниот Р.К. кој веднаш бил лишен од слобода, како што соопштија од полицијата бил задржан во полициска станица, а исто така, поради сомнение дека заедно со него ги извршувал кражбите, во полициската станица Гостивар бил приведен И.А. 26-години од Гостивар.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.