Хроника 05. јули 2018. / 11:14

Притворени двајца од тепачите на момчето од Автокоманда, МВР со реакција против лажните вести

Притворени двајца од тепачите на момчето од Автокоманда, МВР со реакција против лажните вести

Двајца од тројцата скопјани кои пред една недела го нападнаа и крвнички го претепаа Никола Саздовски (21) во скопската населба Автокоманда, експресно биле уапсени истиот ден, и против нив е поднесена кривична пријава, информира МВР и реагира на ширењето лажни вести дека случајот не бил објавен од страна на МВР.

За овој случај полицијата во понеделникот објави дека се поднесени кривични пријави за насилство против Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19) и дека веднаш по крвавиот инцидент биле уапсени Б.Б. и С.Д., а истражен судија им одредил мерка притвор.

„Во врска со дезинформации што по социјалните мрежи ги објавуваат поединци и одредени портали што пласираат лажни вести, во врска со настанот од 29 јуни годинава, МВР информира дека случајот е експресно расчистен, а за тоа соодветно ја информиравме и јавноста. СВР Скопје поднесе кривична пријава против тројцата осомничени критичниот ден околу 17,30 часот, на автобуска постојка на булеварот Александар Македонски во населбата Автокоманда го нападнале Н.С. и тешко го повредиле. Претепаниот бил пренесен во Клинички центар „Мајка Тереза“. По преземени мерки, од страна на полициски службеници, прво и второпријавениот се лишени од слобода и одредена им е мерка притвор“, информираат од МВР.

Но, случајот е регистриран и објавен во редовниот билтен на МВ и на 30 јуни: ,,На 29.06.2018 година во времето од 17,30 до 17,40 часот во Скопје на автобуската постојка на булевар „Александар Македонски“, од страна на три непознати машки лица (кои излегле од патничко моторно возило „Мерцедес“) физички бил нападнат Н.С.(21) од Скопје. По физичкиот напад лицата со возилото го напуштиле местото на настанот. Н.С. со возило на Итна медицинска помош е пренесен во Комплекс клиники “Мајка Тереза”. По преземени мерки, две лица се приведени во Полициска станица Кисела Вода поради сомнение дека се можни сторители на кривичното дело. Се работи на целосно расчистување на настанот по што ќе биде поднесен соодветен поднесок“, стои во билтенот на МВР.

Саздовски, член на навивачката група ,,Комити“, сѐ уште се бори за живот на КАРИЛ откако бил нападнат од тројцата насилници додека се движел по тротоар. Напаѓачите излегле од автомобил и почнале да го удираат со метални шипки, по што тој паднал во бесознание. Веднаш бил префрлен во Ургентниот центар, но неговиот живот е во опасност и тој сѐ уште е во кома. Двајца од напаѓачите биле уапсени неколку часа по насилството уапсени и однесени на распит во полициска станица. На Фб страницата на навивачката група ,,Комити“ од Кисела Вода, на која што Никола е член, медиумите и полицијата беа обвинети дека го премолчуваат случајот. За Саздовски, покрај ударите со прачка, кобно било паѓањето на тротоарот, каде најверојатно удрил со главата.