Полицијата заплени 50 килограми марихуана во Струмичко. Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава против К.К (26) од село Селемли, општина Богданци, и Д.Т (33) од село Владевци, општина Василево, како и против уште едно, засега непознато лице, поради неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Врз основа на добиени оперативни сознанија за недозволена трговија од страна на соодветните служби при СВР Струмица, завчера и вчера беа преземени координирани активности и мерки за расчистување на случајот. Така, вчера во раните утрински часови, односно околу 3.30 часот, на локација од патниот правец Струмица-село Добрашинци затекнат е второпријавениот Д.Т. кај кого биле пронајдени 50-ина килограми опојна дрога марихуана.
Тој дрогата претходно ја примил од првопријавениот К.К. По ова Д.Т. е лишен од слобода и приведен во полициска станица. Истовремено, од преземените мерки и активности утврдено е дека дрогата била доставена од Скопје од засега непознато лице кое управувало патничко моторно возило VW-Phaeton со чешки регистарски таблички. Во моментот од страна на СВР Струмица се преземаат дополнителни и интензивни активности за лоцирање и лишување од слобода на првоосомничениот К.К., како и на идентификување на непознатото лице, возач на возилото, кое веќе е пронајдено во Кратово и е предадено за крим-техничка обработка.