Хроника 01. август 2020. / 12:45

Полицијата најави засилени контроли за време на продолжениот викенд во Охрид

Полицијата најави засилени контроли за време на продолжениот викенд во Охрид

Засилени полициски контроли за време на продолжениот викенд во Охрид најави полицијата. Велат ќе се преземат интензивни превентивни и други мерки со цел зачувување на стабилната безбедносна и здравствена состојба.

Полициските службеници најавуваат дека ќе вршат засилени патролни служби во централното градско подрачје, во периферните делови, по плажите и на паркинг-просторите со цел спречување кражби на вредни предмети по крајбрежието или од паркирани автомобили. Контроли (самостојни, но и во соработка со пазарната инспекција) ќе се вршат и во угостителските објекти, а целта е доследна примена на безбедносно-хигиенските мерки за заштита од Ковид-19, но и почитување на одредбите од Законот за угостителство и другите законски одредби.

Во сообраќајот ќе има физичко присуство на полициски службеници кои ќе го регулираат сообраќајот и ќе преземаат мерки за поголема сообраќајна безбедност. Полицијата апелира до граѓаните доследно да ги почитуваат безбедносно-хигиенските мерки, поставената сообраќајна сигнализација, но и да придонесат за стабилна состојба во областа на јавниот ред и мир.