Пешак, мотоциклист и возач биле тешко повредени, а уште еден возач бил полесно повреден, во три сообраќајки што вчера се случиле во Скопје, Прилеп и во близина на Кратово.
Пешак бил тешко повреден откако бил прегазен од автомобил, вчера во скопската населба Автокоманда. Станува збор за А.О.(32) од Скопје кој веднаш по сообраќајната несреќа бил пренесен во Градската болница Св. Наум Охридски. Според полицијата, сообраќајката се случила во 15.35 часот, на улицата Јани Лукровски. Автомобил „опел мерива“ управувано од Б.К.(34) од Скопје удрил во пешакот А.О..
Истиот ден во 17.20 часот на улицата Марксова во Прилеп се случила сообраќајка помеѓу камион со српски регистарски ознаки што го управувал Ј.Б.(44) од Србија и мопед „априлија“ управуван од М.М. (34) од Прилеп. Од ударот М.М. бил тешко повреден по што бил пренесен во прилепската болница.
Совозач бил тешко повреден во директен судир меѓу камион и автомобил, во петокот на регионалниот пат Кратово-село Страцин. Според полицијата, сообраќајната несреќа се случила во 15.30 часот, кај месноста Превалец кога дошло до директен судир меѓу камион „волво“ управуван од М.С.(54) од Скопје и автомобил „матиз“ со кумановски регистарски ознаки управуван од О.Ј. (30). Со тешки повреди се здобил возачот на матизот кој по несреќата бил пренесен во Ургентниот центар во Скопје, а возачот на камионот кој имал полесни повреди бил пренесен во болницата во Кратово.