Инспекторите кои контролирале дали на концертот на Петар Грашо во Битола се почитувале протоколите за заштита од коронавирус запишале дека записникот е предаден десет минути по полноќ, а всушност го направиле во 21 часот и 30 минути, по што си заминале и не биле присутни за време на концерот.
Ако ова се потврди, на одговорност ќе бидат повикани и тие. Директорот на пазарниот инспекторат Стојко Пауновски за Телевизија 24 вели дека внатрешната контрола ќе утврдува дали инспекторите ја прекршиле процедурата.
Откако инспекторите си заминале, просторот кај Хераклеа се исполнил до последно место и влегле околу две илјади луѓе, иако дозволено било присуство на само 600. Оваа информација организаторот ја објави и преку онлајн системот, каде што се продаваа влезниците.
Од организаторот на концертот Прагма продукција вчера за Телевизија 24 кратко рекоа дека сите протоколи биле почитувани, а за тоа имале и записник од инспекцијата. За други прашања ни посочија да се обратиме писмено. Директорот Пауновски вели дека обврска на инспекторите во вакви ситуации е да го следат настанот до крај, а не да им веруваат на организаторите на она што ќе им го кажат или ветат.
Концертот на Петар Грашо се одржа во четвртокот, а веднаш по настанот, министерот за здравство Венко Филипче побара казни за организаторот, поради прекршувањето на протоколите за заштита од ковид-19.