Хроника 28. февруари 2019. / 18:19

Паднал од скеле на стадионот во Битола и починал

Паднал од скеле на стадионот во Битола и починал

58 – годишен битолчанец вчера го изгуби животот на работното место. Изведувајќи градежни работи на објект на битолскиот стадион паднал од скеле на бетонска подлога, се здобил со тешки телесни повреди по што починал. Од СВР Битола информираат дека веднаш е извршен увид во присуство и на трудов инспектор.

„На 27.02 околу 11 и 45 минути во СВР Битола е пријавено дека на Градскиот стадион во Битола, при извеување градежни работи на објект во изградба Д.Д 58 од село Црно буки битолско паднал од скеле на бетонска подлога. Од екипа на Итната медицинска помош бил пренесен во Клиничката болница во Битола каде му биле констатирани тешки телесни повреди, а во 19.30 часот починал“

Трудовиот инспектор од Битола кој вчера извршил увид на местото несреќата во телефонска изјава за тв 24 вели дека сеуште се собираат потребните документи за да се види дали работникот бил соодветно заштитен од градежната компанија за која ги извршувал активностите.

„Сеуште трае увидот во документацијата. Ние веднаш излеговме на терен а сега се проверува дали работникот бил осигуран,лекарски прегледан, дали носел заштитна облека и дали фирмата во целост ја исполнила кон него својата законска обврска. За една недела би имале конкретни информации, а потоа и ќе се преземат соодветни мерки зависно од исходот. Работникот работел на реконструкција на градски стадион односно на изградба на нова трибина”

Додека се чека извештајот за 2018 та година кој треба да излезе најдоцна до 31 март, бројките покажуваат дека заклучно со 2017 има зголемување на повредите на работните места на територија на цела држава.

Вкупно 1709 повреди од кои 1693 со потешки последици и 14 со смртни евидентирал инспекторатот во 2017 та година, па заклучил дека споредено со 2016 та има вкупно зголемување за 208 повреди на работа.

Она што е намалено според Државниот Инспекторат за труд е бројот на повреди со смртни последици и тоа лани се случила само една несреќа помалку во однос на 2016-та година.