Хроника 23. септември 2019. / 14:26

Околу четири илјади евра биле собрани за подароци на Катица Јанева

Околу четири илјади евра биле собрани за подароци на Катица Јанева

Повеќе од 80.000 евра биле собрани од вработените во Специјалното јавно обвинителство во т.н. „колективен фонд“. Како што неофицијално дознава МКД.мк, 11 вработени, односно обвинителите од СЈО, за контото на овој фонд давале по 3.000 денари, а останатите 110 вработени биле задолжени да даваат по 1.000 денари.

Овие „донации“ вработените ги плаќале во период од 3 години.

Парите според извори на МКД.мк, требало да бидат наменети за свадби, за раѓање деца, за хуманитарни цели, за болести… Но некои од вработените добиле од овие пари, а некои од нив, иако требало, како што претходно било договорено, не добиле ниту денар од нив. Собраните средства биле под контрола на Катица Јанева.

Изворите на МКД.мк сведочат дека дел од овие пари ѝ бил даден на една вработена за болест на роднина, како и на ќерка на вработена за свадба… Но немале сите подеднакво право на „колективниот фонд“.

Освен овие пари, вработените во СЈО за родендените на тогашната шефица, Јанева, како и за годишнините од институцијата со која таа раководеше, собирале по плус 2.000 денари. За подароците на Јанева биле собирани околу 4.000 евра.

Според информациите на порталот, Јанева испратила писмо до СЈО со кое бара овие пари таа да ги искористи за да ја плати одбраната во случајот „Рекет“.

Осомничената Јанева утре треба да даде исказ за овој случај, но овој пат како обвинета. Таа еднаш беше повикана во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, но како сведок.

Утре таа првпат ќе биде спроведена пред обвинителката Вилма Русковска од притвор, со полициска придружба и со лисици на рацете.