Основното јавно обвинителство постапува по кривичната пријава за скопјанецот кој е осомничен дека и покрај изјавата дека ќе биде во самоизолација која ја потпишал при влегување во земјава на граничниот премин Табановце, се сретнал со многу луѓе и ги заразил со корона вирусот, велат од Обвинителството за „Плусинфо“.
Станува збор за лице со иницијали Ф.К. за кое пред два дена од МВР информираа дека во континуитет остварувало средби со неговите родители, братот, неговата пријателка, а одел и во фирмата во која работел. Освен тоа дал лажен исказ и пред полицајците од полициската станица во Карпош кои разговарале со обвинетиот. Таму тој изјавил дека не патувал во изминатиот период.
– Кривичната пријава е пристигната и согласно Законот за кривична постапка (ЗКП) постапуваме во насока на обезедување факти против лицето Ф.К. кое е осомничено за непочитување на правните прописи за време на епидемијата од заразна болест и дека извршило кривично дело со кршење на прописи и наредби – велат од Обвинителството.
Дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска завчера рече дека осомничениот скопјанец на 8 март околу 13 минути по полноќ влегол во земјава на граничниот премин Табановце. Според правните прописи, здравствена екипа на Институтот за јавно здравје веднаш го информирала за одлуките на Владата дека е прогласена епидемија од Ковид-19.