Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлози за издавање казнени налози против вкупно 20 лица за кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, информираат од ОЈО Скопје.
– За 19 обвинети Обвинителството поведе постапка затоа што не ја почитувале Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија и за време на полицискиот час биле затекнати како се движат на различни локации во градот – соопштија од обвинителство.
Исто така, од Обвинителство информираат дека еден од обвинетите не ја почитувал Наредбата за задолжителна самоизолација, донесена како мерка за спречување и сузбивање на заразната болест Ковид-19.
Надлежните јавни обвинители на Основниот кривичен суд Скопје му предложија за секој од обвинетите да изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби, а вредноста на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.