Обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски, денеска до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против адвокатот на обвинетиот Ејуп Алими во предметот „Титаник 3“ Мефаиљ Арслани, пренесува „Макфакс“.
Во пријавата е наведено дека на 10 ноември на паркингот пред трговскиот центар „Мавровка“, пријавениот адвокат, Мефаиљ Арслани, му се заканил на обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски.
Во кривичната пријава пишува дека додека сведокот А. И. го управувала возилото во кое се наоѓала обвинителката Фатиме Фетаи, обидувајќи се да пронајде паркинг-место, го здогледале Мефаиљ Арслани.
Сведокот го отворила прозорецот за да го поздрават и му рекле „Добар ден Мефо, што правиш како си“, при што адвокатот Арслани со висок и агресивен тон одговорил: „A бе еве не знаеме што да ѝ правиме на оваа пошто е наша (покажувајќи со рака кон Фатиме Фетаи), а на тој каурот матер ќе му расплачеме, фамилија ќе му е*еме“.
Пријавениот со тоа ја загрозил сигурноста на обвинителот Гаврил Бубевски. Кон кривичната пријава се приложени и изјави на сведоци, како и искази на сведоци дадени во СЈО, од кои може да се констатира дека тие стравуваат за нивниот живот, за што, своевремено СЈО бараше притвор.