Сопственици на лозја на ридот Балтепе до Тетово се соочуваат со обиди за нелегална узурпација на нивните имоти. Според нив станува збор за насилен начин на поединци и групи кои дури и со механизација-багер влегле имотите да ги видоизменат и присвојат за нив непознати намери.
-Станува збор за лозја на ридно место на ридот Балтепе. Долго време не се користени од нашата поширока фамилија, па најверојатно узурпаторите помислеле дека е државна шума која може да ја користат. Реагиравме и повикав полиција, по што работите беа запрени, но се плашиме дека и во иднина тоа ќе продолжи, ако нема соодветна интервенција од институциите. Има многу изговори во институциите дека поради состојбата со коронавирусот не можат да интервенираат. Дополнително со документите од катастар е измерено, означено и оградено местото. Лицата кои се видени таму се од селата над ридот, објаснуваат тетовците кои сакаат да останаат анонимни.
Според нашите соговорници и други сопственици на имоти-лозја на ридот Балтепе се соочиле со сличен проблем.
– Примери има кога сопственици се водат повеќе луѓе во странство каде немало кој да интервенира како во мојот случај, па имотот им е узурпиран, дури и изградени објекти или се користи за земјоделство. Институциите мора да преземат мерки за да се заштити приватниот имот. Институциите мора да проверат дали луѓево кои се обидуваат да узурпираат имот информациите за сопственоста ги добиле од вработени во катастар или централен регистар, велат сопствениците на имотите на Балтепе.
Државата во многу случаи се соочува со тужби на милионски износи поради тоа што институциите не успеваат да ја гарантираат правната заштита на сопственоста пропишана според Уставот и законите.