По вчерашното убиство во охридско Велгошти, полицијата утрово во редовниот билтен излезе со првите официјални информации.
„На 31.08.2018 година во 16,37 часот во Полициската станица Охрид пријавено е казнено дело „убиство“ извршено врз Б.П. (47) во нејзината куќа на улицата „Илинденска“ во охридското село Велгошти. На местото на настанот, извршен е криминалистичко-технички увид предводен од Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид како и полициски екипи од СВР Охрид. По преземени мерки, синоќа во 21 часот во Струга приведено и лишено од слобода е едно лице од Охрид по што, во консултација со Јавен обвинител ќе бидат преземени понатамошни мерки за целосно расветлување на случајот. По наредба на Јавен обвинител, врз телото на починатата ќе биде извршена обдукција“ – се вели во соопштението на полицијата.
Дел од медиумите пренесувајќи ги информациите добеини од соседите јавија дека 47 годишната жена заработувала како шивачка. Имала две полнолетни деца а во куќата каде што била убиена живеела сама.
Ова е втор случај на убиство за една недела, откако на почетокот на неделата во Кичево беше пријавено тројно убиство. Се уште непознат сторител уби маж, жена и нивната 14 годишна ќерка.