Четири лица го нарушиле јавниот ред и мир во дворот на средното општинско училиште Гостивар, по што две лица завршиле со телесни повреди.
Од СВР Тетово потврдуваат дека случајот кај нив го пријавил вработен во училиштето попладнево околу 16 часот. Според првичните сознанија, две лица вработени со други две лица кои не биле вработени во училиштето, во дворот на гостиварската гимназија започнале расправија која набрзо прераснала во физичка пресметка.
По пријавата, полициски излегле на местото на наршувањето, разговарано е со дел од учесниците во нарушувањето и се работи на расветлување на поединостите и кој се учествувал и кои се мотивите.
Од политичката партија Алијанса за Албанците во соопштението до јавноста наведуваат дека повредените се професори во училиштето и дека нападот има политичка заднина и реваншизам.
Инаку професор од Гостивар заврши на Клиниката „Мајка Тереза“ во Скопје, откако бил физички нападнат со метален боксирач. Друг професор исто така бил жртва на овој напад, но се здобил со полесни телесни повреди, објави ТВ 21.
Екипа на ТВ21 го посети повредениот професор на скопската клиника, кој го потврди инцидентот. Како што тврди тој, биле нападнати од актуелниот директор на општинското средно училиште гимназија „Гостивар“.
ТВ21 го контактираше и директор Џези Камбери, кој ги негира обвинувањата и вели дека не знае кој ги тепал професорите. Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, го потврди инцидентот.
Таравари во изјава за Фокус вели дека денеска двајца професори во Гостивар биле нападнати од членови на ДУИ.
Едниот од професорите бил тешко повреден и е задржан на неврохирургија со потрес на мозок. Другиот е пуштен дома.
Претходно, во вечерашното гостување на телевизија Телма, Таравари рече дека министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски често бил на приватни прослави на фунцкционери на ДУИ во Гостивар, и се надева дека ќе преземе мерки овој случај да биде расветлен.
Полицијата се уште се нема произнесено за случајот. ТВ21 обезбеди фотографи и снимки од нападот за кој постои сомнение дека се случил околу 14 часот во училиштето.