Пред речиси една недела КУРИР објави анализа со наслов: „Неажурност или неажурираност: МВР го води за исчезнат, тој си живее во велешко и си создал семејство – го бара ли некој“?. пишува Курир.
Анализата на КУРИР покажува дека не е позната судбината на 132 исчезнати лица од Македонија за периодот 2014-2018, бидејќи на интернет страната на МВР објавени за исчезнати се само 64 лица.
На интернет страницата на МВР објавени се само 64 исчезнати лица. Меѓу нив и едно младо момче кое се води за исчезнато од 2017-та година.
Со едно обично пребарување на интернет, го најдовме момчето Н.Д. по кое државата, наводно трага веќе втора година по ред.
Стануваше збор за лицето Димоски Насте од село Чашка. КУРИР неколку дена чекаше коментар и образложение за овој случај, но од таму не добивме никаков одговор на нашите прашања.
МВР изгледа смета дека не е должно да им даде одговор на граѓаните ниту во време кога кај нив владее страв од почестото исчезнување на лица.
Тие не се огласија на ниту еден начин за прашањата дали некој трага по момчето кое живее на иста адреса и ги користи своите лични документи, во период додека полицијата, наводно, го води за исчезнат.
Денес на сајтот на МВР, ова лице го нема во регистарот на исчезнати.
Можеби МВР мисли дека со молчење ќе го премолчиме овој случај, но многу прашања останаа отворени и КУРИР ќе продолжи со својата анализа во оваа насока.
Бидејќи службено не ни одговараат на прашањата, а бришењето не е некој чекор, ги прашуваме јавно:
-Каков проблем решивте-неажурираноста или неажурноста?
-Дали го пронајдовте лицете или имавте информации дека не е исчезнат и пред ние тоа да го објавиме?
-Зошто не ја информиравте јавноста што се случува со ова лице, дали заврши потрагата по него?
-Ги барате ли останатите исчезнати лица?
-Го контактиравте ли семејството на Насте пред неговото бришење од регистарот на исчезнати?
-Стапивте ли во контакт со него?
-ЌЕ ОДГОВАРА ЛИ НЕКОЈ ШТО ДВЕ ГОДИНИ ВО ДРЖАВАТА СЕ ВОДЕШЕ ЗА ИСЧЕЗНАТО ЛИЦЕ КОЕ НЕ БЕШЕ ИСЧЕЗНАТО?
Момчето кое е родено во 1997-ма година, “исчезнува“ на своја 20-годишна возраст. МВР како официјален датум за неговото исчезнување го води 21.04.2017-та година.
Неофицијалните информации со кои располагаме говорат дека ова лице знаело дека се води за исчезнато, но поради свои лични причини молчеше. Тој воопшто не се ни криел, но прашање е воопшто дали некој го барал целиот овој период?
Насловот на анализата на КУРИР го постави прашањето дали е ова неажурност или неажурираност? Бидејќи со бришењето на ова лице од списокот на исчезнати ја решија својата неажурираност, министерството мора јавно да ја објасни својата неажурност во овој случај.