Најмладиот пациент кој вчера почина од компликации на корона вирусот е 35-годишен битолчанец, кој бил сместен на Инфективното одделение во Клиничката болница во Битола, но во текот на денот успеал да побегне, а неколку часа подоцна починал, објави Фактор.
За целиот настан детално информира Министерството за здравство од каде велат дека пациентот вчера предпладнето кога се делел ручекот успеал да избегал од Ковид одделот каде бил хоспитализиран. За бегството било известено болничкото обезбедување, МВР и директорот на Клиничката болница Битола, како и епидемиологот, велат од Министерството за здравство, истовремено нагласувајќи дека пациентот во 18:02 часот повторно бил донесен со возило на Итна медицинска помош. Тој бил во вонредно тешка општа состојба, неконтактибилен, тахидиспноичен, хипотензичен со немерливи витални параметри, немерлива сатурација, со пена на устата и изразена цијаноза.
–Според кажувањата на медицинската екипа од ИМП, пациентот со приватно возило си отишол дома наводно да се наспие и одмори и се напил средства за спиење и смирување во непозната количина, веднаш заспал и не се будел, по што семејството повикало ИМП кои веднаш дошле во домот и ординирале терапија која немала ефект, по што е донесен на Инфективно одделение. Од страна на дежурната екипа на Ковид одделот биле преземени реанимациони мерки, но без поволен терапевтски одговор. Во 18:45 часот настапила смртта со клиничка слика на тешка кардиореспираторна инсуфициенција и престанок на работа на срцето. Во системот не постојат внесени коморбидитети, информира Министерството за здравство.
Инаку, тој прв пат се јавил во тријажната амбуланта на 13.ноември со температура и кашлица и веднаш му била дадена терапија. Три дена подоцна повторно се јавил на преглед, но овој пат со тешко дишење, температура и бронхопневмонија, заради што бил хоспитализиран како суспектен на ковид. На 17 ноември му е земен брис и неговиот резултат бил позитивен на корона вирусот.