Хроника 22. февруари 2021. / 01:33

Мијалков последно бил виден со Ивица Коневски

Мијалков последно бил виден со Ивица Коневски

Ивица Коневски, еден од предводниците на иницијативата за вонреден конгрес во ВМРО-ДПМНЕ е последниот човек со кој се сретнал Сашо Мијалков пред да стане недостапен за органите на прогонот.

Озлогласениот поранешен директор на УБК Сашо Мијалков од вечерва е во бегство а полицијата трага по него по мерката куќен притвор која му беше одредена од судот.

Екипата на ТВ21 детектирала каде тој последно е виден во јавноста. Тие тврдат дека бил забележан околу 14:00 часот во ресторанот Дистрикт кој е во склоп на хотелот Мериот кој е во сопственост на синот на Мијалков.

-Седеше на првата маса од влезот кој се наоѓа од страна на Плоштадот Македонија. Надвор од објектот и внатре имаше неколку лица кои го обезбедуваа. – објави ТВ 21.

Редакцијата на медиумот открива и дека Ивица Коневски, поранешниот градоначалник на Аеродром а сега иницијатор на наводниот вонреден конгрес во ВМРО-ДПМНЕ е последниот човек со кој се сретнал Мијалков.

-На маса беше заедно со Ивица Коневски, разговараа околу половина час. А потоа, Коневски си замина, а по извесен период и Мијалков. Влезе во хотелот Мериот, за по 10-тина минути да го напушти хотелот. – објави медиумот.

Во саботата токму Коневски, поддржан од поранешни не толку високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ беше предводник на прес конференцијата на која се објавија детали за вонредниот конгрес на партијата.