Хроника 06. декември 2018. / 11:37

Мицкоски за смртта на Георгиевски: Благодарам за се што направивте за Македонија!

Мицкоски за смртта на Георгиевски: Благодарам за се што направивте за Македонија!

Мицкоски изрази жалење за смртта на професорот Љубиша Георгиевски.

– Со длабоко жалење утрово ја примив веста за смртта на Проф. д-р Љубиша Георгиевски.

Тој со својот плоден животен век остави неизбришлива трага во драматургијата, македонскиот филм, општествената дејност, но и во креирање на темели и изградбата на нашата држава Република Македонија.

Тој со својот мирен и мудар хабитус беше вистинска додадена вредност и за ВМРО-ДПМНЕ каде се вгради во нејзиното растење и партиско живеење.

Имав ретка можност и чест за почести средби и комуникации во последниот период, неговата чиста мисла, драматурска прецизност и пред се мудрост беше исклучително корисна и плодотворна. Неговата грамадна големина во битисувањето на Македонската држава, неговата исклучителна љубов кон нашата земја и нашиот народ ќе биде запаметена. И тоа остава неизбришлива длабока трага за нашата земја Македонија, трага која ќе се памети денес, утре и многу години потоа.

Искуствено надраснат, но и емотивно загрижен во однос на последните случувања во нашата земја ќе кажеше, Македонија е поголема од сите неправди, прогони и наказувања, и таа сепак ќе воскресне и победи, бидејќи таа е идеја, емоција и наша судбина. Благодарам за се што направи за ВМРО-ДПМНЕ и за Република Македонија.

Почивај во мир ПРОФЕСОРЕ! – напиша Мицкоски.