Лице осудено за убиство на цивил во Виница во 2002 година е поставено за лично обезбедување на министерот за Надворешни работи Никола Димитров и пречекува и обезбедува делегации од странство кога доаѓаат во посета на Македонија, дознава Лидер.
Се работи за Никола Весовски, кој, како што покажува фотографијата која ја објавува Лидер, го обезбедуваше и протоколот при последната посета на грчкиот министер за Надворешни работи Никос Коѕијас.
Весовски заедно со уште тројца негови колеги од специјалната единица Тигри, беа осудени дека во 2002 година го убиле младиот Алберто Стојчев во дискотека во Виница. Пресудата која ја добил Весовски е за “предизвикување на тешка телесна повреда со смртни последици“.
Во судскиот процес кој се водел против лицето кое сега го обезбедува Димитров, стенограмите од судот покажуваат дека имало дури 130 сведоци, а според нивните сведоштва тој заедно со неговите колеги се спуштил од планината Голак каде што тогаш имале обука и од дискотеката го извадиле младиот Стојчев и го претепале до смрт.
Командант на единицата Тигри, во тоа време бил генералот Стојанче Ангелов.
Во 2005 година, Весовски бил помилуван од тогашната власт за подоцна повторно да се врати во полицијата, овој пат, како дел од единицата Алфа.
По повторното доаѓање на СДСМ на власт минатата година, тој е префрлен од Алфа во петата управа и сега е обезбедување на министерот Димитров но и на странски делегации кои доаѓаат во земјава.
За овој скандал, кој може да добие меѓународни рамки ако се знае дека Весовски и покрај досието во кое има и убиство, обезбедува лидери и високи функционери на странски држави, Лидер се обиде да стапи во контакт со МНР, но телефонот на портпаролот на министерството во текот на денешниот ден е исклучен.