Дека кучињата скитници знаат да бидат опасни како за луѓето така и за животните потврдува случајот со кавадарчанецот Камче Дрваров. Имено вчера во претпладневните часови неколку кучиња удавиле три кози едно јаре, додека уште една коза е повредена на местото каде надвор од градот ги чува овие домашни животни. Вели глетката била страшна кога пристигнал и видел што се случило.
Дрваров посочува дека стравува и за неговата кобила која ја чува овде, зашто кучињата кои оделе во чопор брзо стигнувале од едно на друго место па најчесто на мета им се кокошарниците, а неретко налетувале и на деца.
Потврди дека за случајот ги известил ветеринарните лица, кои биле на увид а подоцна ќе пријави и во полиција. Се обидовме да стапиме во контакт и со ветеринарниот инспектор од Кавадарци но тој не сакаше да дава никаква изјава, туку не упати за било што да се обратиме во Скопје.
Инаку кучињата скитници не се ништо ново за кавадарчани, честа слика се низ периферијата па и низ центарот на градот. Загрижени граѓани постојано алармираат до надлежните а се зборува и дека често се носат кучиња и од други општини во земјава.