Едно лице е убиено во престрелка што се случила вчера во селото Шишево, кое се наоѓа измеѓу Сарај и Матка.
Според информациите од полицијата, утрово околу 2 часот во Клиничката болница „Систина“ биле донесени со повреди А. А. (20) и Г. А. (36), од село Шишево. Со нив во болницата имало уште едно лице С.Т. (24).
Според пријавеното, тројцата се движеле со возило „бе-ем-ве“, а пред нив се движело возило „мерцедес“, управувано од Е.Ш. од село Шишево, со кого претходно имале расправии. На влезот во село Шишево „мерцедесот“ застанал до патот, а по него запрел и Г.А., кој го управувал „бе-ем-ве“-то.
Возачите излегле од возилата и почнале да се расправаат, по што Е.Ш. со пиштол пукал кон Г.А., а потоа и кон А.А..
С.Т. ги пренел двајцата повредени во болницата, каде А.А. починал. Од МВР велат дека се преземаат мерки и активности за расчистување на случајот.