Хроника 30. јули 2020. / 17:45

Крадец физички нападнал минувачи што го спречиле да избега

Крадец физички нападнал минувачи што го спречиле да избега

Jавен обвинител од скопското Основно јавно обвинителство издал наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – разбојничка кражба.

Осомничениот 36-годишник, на 29 јули, бил затечен при кражба во угостителски објект на улицата „Славе Георгиевски – Шнајдер“, при што употребил сила и нападнал двајца оштетени – татко и ќерка.

Тој преку прозорецот влегол во угостителскиот објект и одзел три телевизори во вкупна вредност од 100.000 денари. Но, притоа бил затекнат од оштетениот и неговата ќерка, кои се обиделе да повикаат полиција.

Во тој момент, осомничениот ја удрил оштетената со тупаница во пределот на главата, ја турнал и се обидел да го удри нејзиниот татко, кој го одбил ударот со рака. Пријавениот се обидел да избега од местото на настанот со својот мотор со приколка, но оштетениот и еден случаен минувач успеале да го задржат.

За тоа време, оштетената настанот го пријавила во блиската полициска станица, по што полицајци го уапслиле 36-годишниот разбојник.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, поради опасност од бегство и можност да го повтори делото.​